Која е Анѓелина и што прави во skillup?

Jас сум голем поддржувач на тоа дека секое дете треба да проба да се пронајде во нешто, без разлика дали е академија, спорт или да научи јазик. Ако и само ако тоа гo „влече“. Мојот добронамерен совет до родителите е да ги почитуваат и слушаат желбите и да остават простор детето само да избере.

👋 Запознајте ја Анѓелина, ментор на академијата за графички и веб дизајн. Дете кое го живее животот на возрасните, убаво пее и има син појас во аикидо 🥋. Дизајнот го споредува со суши (нормално, дизјанер е, нема месен нарезак да рече) 😬 – спој на најразлични елементи кои прават совршена целина.🍣

1. Која е Анѓелина?

Накратко, дете кое го живее животот на возрасните.

2. Кое е твоето претходно работно искуство?

Како графички дизајнер се идентификувам веќе 7 години. Прв пат се вработив годината кога завршив со факултетските обврски и оттогаш па сè до денес, непрекинато работам во оваа област. Имам работено самостојно, како и во рамките на маркетинг агенции и креативни студија.

3. Зошто мислиш дека децата треба да учат дизајн?

Креативните области се одлични за детската имагинација да ги истражува. Секое дете е уметник и има свој стил и „печат“.  Сметам дека во оваа професија е огромна предност ако почнат да креираат што порано и со што помалку влијание од она што го учат низ годините. На пример како кога учат да цртаат. Секое дете знае дека сонцето е жолто и стои горе во ќошот на листот. Сите форми ги пресликува онака како што ги доживува и во слободна интерпретација. И еднаш штом научи да црта, нема да може да се врати на својот првичен стил и баш штета што е така. Единствен на кого му има успеано тоа е Пикасо. Од друга страна, ова прашање и јас си го поставувив пред да почнам со предавањата и сакам да видам до каков заклучок ќе дојдам. Прашајте ме повторно кога ќе заврши академијата.

4. Ако дизајнот беше јадење, кое јадење би било и зошто?

Е, ова прашање најмногу ми се допадна, не сум се запрашала досега. Би рекла суши. Поради специфичноста која ја имаат и двете; истрајноста која треба да се има во самиот процес; вештините кои се совладуваат само преку континуирана работа; потребното знаење кое мора да се има за да биде успешен крајниот исход (и вкусен); спојот на најразлични елементи кои прават совршена целина; и секако, есететиката и визуелното претставување.

5. Кој е твојот таен/скриен талент што би ги изненадил учениците?

Уф…не е многу тајно, ама убаво пеам. И имам син појас во реално аикидо.

6. Како да им се задржи вниманието на учениците подолго од 5 минути?

Се трудам да имам добра интонација додека зборувам и да гледам во нив додека го правам тоа. Гледам и да посочам примери од секојдневието, да спомнам некои навики кои сите ги имаме, за да можат да се пронајдат или да ги потпрашам по нешто. Претпочитам презентациите да се многу повеќе визуелно направени, одошто да содржат текст. Понекогаш користам и „мемиња“ во презентациите и тоа многу помага. Сакам кога ќе успеам да ги насмеам.

7. Каков совет би им понудиле на родителите кои се заинтересирани да го запишат своето дете на Академијата?

Најголем предуслов за сè е желбата и интересот, макар и само да се проба нешто ново. Јас сум голем поддржувач на тоа дека секое дете треба да проба да се пронајде во нешто, без разлика дали е академија, спорт или да научи јазик. Ако и само ако тоа гo „влече“. Мојот добронамерен совет до родителите е да ги почитуваат и слушаат желбите и да остават простор детето само да избере.

yellow circle