Панче од Backend академијата
од играње игри до програмирање

Панче, од каде желба да почнеш да учиш програмирање?

Уште од мал сум на компјутер, нормално со играње игри. Почнав малку подлабоко да навлегувам во позадината на игрите, со кревање сервери за мрежно играње итн. Читав по форуми и барав туторијали за проблемите на кои наидував. Една по друга работите ме доведоа до интерес за програмирање.

Дали имаше претходно предзнаење кога се работи за програмирање?

Ништо конкретно. Имав гледано некои туторијали и онлајн курсеви, но ми фалеше некој да ме воведе во целиот концепт и да ми ги покаже основите.

Што те привлече да се запишеш?

Многу ми беше мило кога дознав дека во Велес има академија за програмирање. Секако имав голем интерес за програмирање, и сфатив дека немам што да изгубам. Сега за сега се покажува како вистинска одлука.

Како си задоволен од менторите и целокупните предавања?

Менторот е супер, немам зборови 😜 Имаме одлична соработка. Концептот на теорија и пракса е супер избалансиран, и сега за сега одлично ни оди.

Зошто баш Backend?

Се мислев помеѓу фронт енд и бекенд. Добивав различни информации дека бекенд е потешко, и дека фронт енд повеќе одговара за почетник. Продолжив да истражувам сам на интернет, и сфатив дека тоа не е точно. Бекендот само бара поразличен пристап и повеќе логика. Но откако ќе го научиш начинот на размислување, станува ептен лесно. Комплетно се пронајдов во бекенд програмирање. Но би сакал да пробам и фронтенд во иднина 😜

На какви проекти работиш во Академијата?

Веќе почнавме со едниот проект, помалиот. Тој ќе биде бекенд API за апликација за менаџирање на лекарска ординација (закажување прегледи, картотека итн…).

Поголемиот проект ќе биде API за испорака, нешто што би ги споило рестораните со фирмите што прават испорака.

Какво е искуството на Академијата до сега? Како напредувате низ материјалот и каква е атмосферата?

Имавме кратка пауза поради вирусот пред да продолжиме со онлајн предавања, така што сеуште имаме доста работа. Но, супер сум задоволен. Темпото со кое ни предава менторот ми одговара во целост. Имам доволно време да разберам што е што и сам да го повторам тоа. Атмосферата е одлична, опуштена.

Многу од луѓето кои размислуваат да почнат да учат програмирање сами или пак на академијата имаат иницијален страв и предрасуди за истото. Дали тоа беше случај со тебе и колку е навистина страшно да станеш програмер?

Не би се нарекол себе си програмер. Имам уште мнооогу за учење. Сеуште ги учам основите. Но, мислам дека сум на добар пат. И нема потреба од страв. Најважно е да учиш и вежбаш дополнително од било какви предавања. Или сакаш да го правиш тоа, или не.

Што повеќе преферираш, виртуелна училница или предавања во живо?

И двете си имаат силни страни и слабости. Позитивно сум изненаден колку добро беа организирани онлајн предавањата, и некако ми легнаа. Сега за сега е супер.

Што научи во SkillUp?

Менторот е фокусиран да ни ги покаже основите на програмирањето и начинот на размислување пред се. После тоа, искуството си го прави своето. Кога ќе го споредам моето знаење и начинот на размислување на почетокот на академијата и сега, гледам дека имам огромен напредок.

Кои се твоите навики за кои мислиш дека најмногу ќе ти помогнат да станеш програмер?

Упорност. Кога ќе заглавам, не го гледам тоа како проблем туку како предизвик, и не престанувам додека не најдам решение.

Што би им порачал на сите што размислуваат да започнат со програмирање?

Само напред. На почеток е малку е потешко отколку што изгледа, но потоа станува многу полесно отколку што изгледа 😜

yellow circle